Ѓоковиќ направи подвиг што не му успеа на ниеден тенисер сезонава, а пред него веќе е нов предизвик

Новак Ѓоковиќ без многу проблеми го освои трофејот на турнирот во Тел Авив откако во финалето славеше над Хрватот Марин Чилиќ. Со овој трофеј, Ѓоковиќ сезонава е прв тенисер кој комплетира титули на три различни подлоги.

Во Тел Авив се играше на затворено на бетонска подлога, а Србинот претходно се радуваше на трева, и тоа на највредниот трофеј, гренслем-турнирот во Вимблдон. На земјена подлога Ѓоковиќ сезонава го крена трофејот во Рим, па победата во Израел му е комплетирање на титули на трите различни подлоги.

Пред Ѓоковиќ, сега е друг предизвик. Тој е дел од тунрирот во Астана, кој е во категоријата 500, па ако тука го освои трофејот, ќе направи уште еден подвиг. Ноле освои титули на турнир од понизок ранг (Серија 250 во Тел Авив), славеше на еден од Мастерс турнирите кои носат по 1.000 поени, а го освои и гренслем-турнирот на Вимблдон, кој се вреднува со 2.000 поени.

Ако успее да победи во Астана на турнир со 500 поени, Ѓоковиќ ќе го повтори успехот на Роџер Федерер, кој засега е единствен што во една календарска година успеал да триумфира на турнири во четири различни категории. На Швајцарецот тоа му успеа во 2010 година, кога го освои Отвореното првенство на Австралија, потоа се радуваше во Стокхолм (Серија 250), па победи во родниот Базел (Серија 500) и во Синсинати го крена трофејот на Мастерс турнир.

- Оглас -

Најнови вести