Најновата АТП-листа која излезе денеска е само потврда дека има промена на генерациите во светскиот тенис. На врвот останува Јаник Синер со импресивни 13.350 поени. Италијанецот покажува константност каква што ретко се гледа, посебно за тенисер кој има само 24 години.
Зад Синер, на второто место е Карлос Алкарас со 12.960 бодови и тој е единствениот сериозен ривал кој може да го загрози Италијанецот на оваа листа. Третото место е резервирано за Александер Зверев, кој има 5.255 поени и е далеку од водечките двајца.
Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, моментално е на четвртото место со 4.710 поени. Ѓоковиќ веќе нема шанси да се врати на врвот на АТП-листата, но Србинот сепак има мотив да биде меѓу најдобрите. Ретко кога може да се види тенисер кој има 38 години, а да е во Топ 5 на листата, што, секако, му успева на Ѓоковиќ.
Србинот минатата недела го сруши рекордот на Роџер Федерер како тенисер со најмногу недели поминати во Топ 5 и сега има 862 недели меѓу најдобирте петмина тенисери. Сега Ноле е во мисија да го надмине рекордот на Федерер и за бројот на недели поминати во Топ 10 на листата. Потребно е Ѓоковиќ уште 29 недели да биде во Топ 10 за да го надмине рекордот на Швајцарецот.
За потсетување, Ѓоковиќ ги држи рекордите за број 1 на АТП-листата со 428 недели, потоа да е во Топ 2 (599), Топ 3 (764), Топ 4 (824) и Топ 5 (862 недели).

