Новак Ѓоковиќ и без да игра тенис, повторно успеа да се врати на челната позиција на АТП-листата. Србинот повторно е број 1 во светски рамки, потиснувајќи го зад себе Данил Медведев.
Популарниот Ноле не доби дозвола да игра на Индијан Велс бидејќи не е вакциниран, но резултатите од турнирот беа на страната на Србинот. Медведев изненадувачки загуби од Гаел Монфилс, па Русинот само кратко време остана на врвот на АТП-листата.
По денешното рангирање, Ѓоковиќ е прв со 8.465 поени, само 20 повеќе од Медведев. На третото место се проби Рафаел Надал, кој изненадувачки загуби во финалето на Индијан Велс од Американецот Тејлор Фриц.
За Ѓоковиќ ова е 362-ра недела што ја поминува како најдобар тенисер на АТП-листата и сега е чекор поблиску со славниот рекорд на легендарната Штефи Граф, која била на врвот во женска конкуренција дури 377 недели. Што се однесува до машкиот дел, Ноле тука е неприкосновен затоа што на второто место е Роџер Федерер со 310 недели поминати на врвот, а Швајцарецот веќе не е дел од тениската елита.