Ѓоковиќ со победа од 3:0 ја започна одбраната на тронот на Ролан Гарос

Новак Ѓоковиќ со победа ја започна одбраната на титулата на гранслем-турнирот во Париз. На популарниот Ролан Гарос, Ѓоковиќ го победи Пјер-Иго Ербер од Франција, и тоа со 3:0 во сетови. Иако делува дека Србинот играше без грешка, мечот траеше повеќе од два и пол часа, а на крајот беше 6:4, 7:6, 6:4. Интересно е дека за Ербер ова беше прв меч воопшто одигран во 2024 година и прилично добро парираше, но сепак не можеше да го изненади најдобриот тенисер во светот.

Во првиот сет Ѓоковиќ брзо направи брејк и поведе со 3:1, па го доби сетот со 6:4. Во вториот сет двајцата тенисери започнаа со брејк, а потоа мирно и без грешка ги освојуваа своите сервиси, па кога стигнаа до 6:6, мораше да се игра тајбрејк. Во една таква ситуација Ѓоковиќ беше сигурен и го доби со 7:3 за водство од 2:0 во сетови.

Возбудливо беше и во третиот сет, кога двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис. При резултат 5:4 за Ѓоковиќ, Ербер сервираше и го загуби гејмот, а на крај и мечот со двојна сервис -грешка.

- Оглас -

Најнови вести