Ѓоковиќ со рекордна победа стигна до полуфиналето во Мелбурн, тоа е најава за јубилејна 10-та титула!

Новак Ѓоковиќ продолжува со блескави игри на Отвореното првенство на Австралија и денеска со лесни 3:0 во сетови го победи Андреј Рубљов за пласман во полуфиналето на првиот гренслем-турнир сезонава. Во полуфиналето, Србинот ќе игра против Томи Пол, кој е првиот Американец со место во полуфиналето на турнирот во Мелбурн по пауза од 14 години.

Ѓоковиќ против Рубљов немаше никакви проблеми и за малку повеќе од два часа си обезбеди место во полуфиналето, и тоа по јубилеен 10-ти пат. Популарниот Ноле секојпат кога стигнувал до полуфиналето, на крајот бил и шампион во Мелбурн.

Во првиот сет беше 1:1 во гејмови, а потоа Ѓоковиќ со фуриозна игра освои пет гејма по ред и стигна до 6:1. Малку подобар беше Рубљов во вториот сет кога „држеше“ до 2:2, а потоа повторно следуваше шоу на Ѓоковиќ за 6:2. На почетокот на третиот сет, фаворитот направи брејк и до крајот на сетот рутински ги доби сите свои сервиси за конечни 6:4.

За Ѓоковиќ ова беше 26-та победа по ред на Отвореното првенство на Австралија, со што постави свој личен рекорд, а се израмни со постигнувањето на Андре Агаси.

- Оглас -

Најнови вести