Во машкото финале на „Ролан Гарос“ ќе играат Александер Зверев и Флавио Коболи, а мечот со интерес ќе го следи и најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ.
Новак откако беше елиминиран во третото коло, остана без 700 поени, бидејќи лани стигна до полуфиналето. Ѓоковиќ ќе падне за три места (од четврто на седмо) на најновата АТП листа, но падот може да биде уште поголем.
Имено, доколку Коболи направи изненадување и ја освои титулата, ќе се искачи на петтата позиција, што значи дека Србинот од понеделник ќе биде дури осми рекет во светот, што носи опасност на Вимблдон уште во евентуално четвртфинале да има дуел со Јаник Синер.
Освен тоа, Ѓоковиќ има многу добар личен однос со Зверев, па и од таа страна повеќе би сакал тој да го освои парискиот греслем.

