Судот во Белинцона, Швајцарија, ќе ја донесе пресудата за случајот со финансиски малверзации на Сеп Блатер и Мишел Платини на 8 јули, а обвинителот побара казна затвор за двајцата во траење од 18 месеци.
Сеп Блатер е поранешен претседател на ФИФА, а Платини, кој е еден од најважните француски фудбалери во историјата на фудбалот, беше прв човек на УЕФА.
Двајцата се под сомнение за финансиски малверзации, во кои се проневерени најмалку два милиони швајцарски франци во случај од 2011 година.
Тогаш и двајцата беа претседатели, Блатер на ФИФА, а Платини на УЕФА, и парите се префрлени од сметка на Светската фудбалска организација на личната сметка на Платини.
Претходно Платини му беше советник на Швајцарецот во ФИФА, во периодот од 1998 до 2002 година, а во 1999 година на Мишел според склучениот договор, му биле исплатени 300 илјади швајцарски франци за едногодишната соработка.