Екипата на Галатасарај е последниот осминафиналист во Лига на шампиони. Турскиот гигант радосно ќе се врати од гостувањето во Торино, иако загуби од Јувентус. По регуларниот дел од реваншот, Јувентус имаше предност од 3:0. Токму тој резултат беше доволен за да се анулира негативата на Галатасарај од првиот меч во Истанбул кога домаќините победија со 5:2.
Откако завршија 90-те минути во Торино, вкупниот резултат означи 5:5, па мораше да се играат продолженија. Во дополнителните два пати по 15 минути, Галатасарај се радуваше. Виктор Осимен даде гол во 105+1 минута за 3:1 за Јувентус, но за вкупни 6:5 за Галатасарај. Погодокот на Осимен може да го видите ТУКА.
Во 119 минута турскиот гигант постигна и втор гол кога Јилмаз погоди за 3:2, но конечни7:5 за турскиот тим.
Иако Јувентус е елиминиран, тоа е екипата која одигра херојски вечерва во Торино. Старата дама поведе со голот на Локатели од пенал во првото полувреме со 1:0, а потоа на почетокот на вториот дел домаќинот во Торино остана со играч помалку.
Директен црвен картон доби Кели во 48 минута, но Јувентус продолжи да напаѓа и со играч помалку. Во 70 минута Гати зголеми на 2:0 и овој погодок може да го видите ТУКА.
Во 82 минута Јувентус стигна и до 3:0 кога Вестон Мекени со глава од непосредна близина ја затресе мрежата на гостите и во тој момент ја анулираше комплетната негатива што италијанскиот тим ја имаше по првиот меч.
За жал на Јувентус и неговите навивачи, не издржаа до 120 минута да парираат со играч помалку, па примија гол за 3:1 и конечна радост за Галатасарај.

