8.8 C
Skopje
петок, 16 јануари 2026

Ѓоргоноски анализира и типува: Македонија има квалитет и треба да се најде адут да изненадиме во групата на ЕП

Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20:30 часот започнува ново големо поглавје, настап на Европското првенство. Нашата репрезентација има чест на стартот да игра против домаќинот Данска, која е и главен фаворит за златниот медал. Покрај Данска, во групата со Македонија се и Португалија и Романија.

Еден од најрелевантните да зборува за македонскиот ракомет, за нашата репрезентација и за европскиот и светски ракомет е Горан Ѓоргоноски. Поранешниот репрезентативец многу добро знае како е да се бранат боите на Македонија на големо натпреварување, а сега е творец и на најуспешниот ракометен проект за млади „Ракомет за секое дете“.

Во последните неколку години Ѓоргоноски е познат и по неговите темелни анализи, но и колумни кои ги пишува на темата ракомет, а сега во рубриката Хуманитарен тикет, направи анализа за тоа што може да очекуваме од Македонија на ова ЕП, но и каков може да биде расплетот и кои селекции да се борат за медалите.

ДАНСКА Е ПРЕСИЛНА, НО МОРА ДА НАЈДЕМЕ НАЧИН КАКО ДА ЈА ИЗНЕНАДИМЕ ПОРТУГАЛИЈА, ОДБРАНАТА ТРЕБА ДА Е НАШ АДУТ

„Ако против Данска не се игра, тогаш со Португалија дефинитивно може да се натпреваруваме. По дуелот против Данска најважно ќе биде сите да останат здрави и сто отсто подготвени за следните предизвици. Португалија има силен состав, а нам треба да ни се поклопат многу работи за да ги изненадиме. Нашиот стручен штаб мора да најде начин како да го направиме тоа. Мислам дека Португалија треба да ја добиеме на нашата половина на теренот. Тоа значи дека мора да бидеме одлични во одбраната. Верувам дека на голманската позиција сме покомплетни од нив. Никола Митревски сериозно добро ги познава Португалците затоа што таму бранеше. Во ракометот се вели дека одбраната го добива мечот. Ние мора да ги натераме Португалците да прават повеќе технички грешки, да имаме освоени топки и едноставно да не им дозволиме на противниците брзо да се трансформираат во одбраната. Верувам дека Португалија ќе прави една-две измени кога ќе бидат тие во одбрана и доколку бидеме одлични во транзицијата, нема да им дозволуваме да играат како што сакаат тие во дефанзива. Не се сомневам дека нашите ракометари ќе бидат максимално мотивирани. Во нападот многу ќе зависиме од формата на Брус Ли (Марко Митев) и билансот со пивотите од различна природа“, вели Ѓоргоноски за мечот против Португалија, кој ќе даде правец за тоа што може да очекуваме од Македонија на ова ЕП.

МЕЧОТ ПРОТИВ РОМАНИЈА ЌЕ БИДЕ МНОГУ ЗНАЧАЕН ЗА ИДНИНАТА НА НАШАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Во третото коло, Романија ќе биде ривал на Македонија. Тука ќе ја имаме улогата на фаворит затоа што Романија е послаборангирана селекција, но тоа не значи дека ќе биде лесно. Ѓоргоноски потенцираше дека најважно е Македонија да биде во Топ 16 на овој турнир за да добие предност во фаворизираниот барабан кога ќе биде битката за пласман на следното Светско првенство.

„Без разлика на резултатите од првите две кола, мора да останеме фокусирани и за третиот меч против Романија затоа што и тој ќе биде многу важен. Тоа е кој дуел треба да го добиеме затоа што само така може да се избориме да бидеме во Топ 16 на крајот од континенталниот собир. Тоа е многу важно бидејќи освен 12-те најдобри селекции кои ќе одат во главната фаза, четири најдобропласирани третопласирани селекции ќе добијат можност да бидат во фаворизираниот барабан кога ќе биде ждрепката за баражите за следното Светско првенство“, објаснува Ѓоргоноски.

ДОБАР Е ПОТЕГОТ ЛАЗАРОВ ШТО ДОБИ НОВ ДОГОВОР, БИ САКАЛ ГЕРМАНИЈА ДА БИДЕ ТАА ШТО ЌЕ ЈА ИЗНЕНАДИ ДАНСКА

Пред почетокот на подготовките за ЕП 2026, челниците на Ракометната федерација одлучија да му го продолжат договорот на селекторот Кирил Лазаров, кој ќе остане на чело до 2029 година.

„Позитивна е одлуката на РФМ да му дадат продолжување на договорот на селекторот Лазаров затоа што така влегуваме во позиција на стабилни селекции. Немаме подобро решение од Лазаров. Не би сакал да се врати времето кога доаѓаа тренери од соседството и ни ‘продаваа’ ракомет“, вели Ѓоргоноски, кој во својата школа „Ракомет за секое дете“ има повеќе од 300 деца кои се „маѓепсани“ од ракометната игра и во иднина некој од нив може да биде дел од националниот тим на Македонија.

Што се однесува до тоа како би изгледал расплетот на ЕП, Горан нема дилеми дека Данска е главен фаворит, а негова желба би била Германија да е селекција која може да го „украде“ златото од домаќинот.

„Данска е прв фаворит не само во нашата група, туку воопшто на целиот турнир. Моја претпоставка е дека Данска ќе игра против Шведска во полуфиналето, додека од вториот дел од костурот, очекувам полуфинале меѓу Германија и Исланд. Меѓу фаворитите секогаш треба да се внимава и на селекции како што се Франција, Норвешка, Хрватска, Шпанија… мислам дека ако некој може да ја изненади Данска, а ако тоа се случи, моја желба би било тоа да е Германија“, заврши во својата детална анализа Горан Ѓоргоноски, кој направи и ракометен хуманитарен тикет.

 

 

- Оглас -

Најнови вести