Фудбалската федерација на Македонија ги информира навивачите дека започна продажбата на билети за квалификацискиот натпревар за Светското првенство 2026, кој ќе се одигра на 10-ти октомври во Гент, меѓу репрезентациите на Белгија и Македонија.
За македонските навивачи според правилата на УЕФА се издвоени близу 900 билети во секторот на стадионот наменет за гостински навивачи.
Цените на билетите се утврдени од страна на Фудбалската федерација на Белгија и изнесуваат 25 евра за возрасни, додека билет за лица до 12 години чини 21 евро.
Купувањето на билетите ќе се одвива преку официјалната платформа на ФФМ, eticket.ffm.mk.
При купувањето, секој навивач најпрво добива ваучер како потврда за извршената трансакција. Врз основа на ваучерот, официјалниот билет се издава и потоа се испраќа на адресата што е наведена при самото купување.
Доставата на билетите се врши електронски (e-mail) и истите пристигнуваат најдоцна во рок од две седмици на наведената адреса.
ФФМ ги повикува сите поддржувачи на репрезентацијата да си обезбедат билет и да дадат силна поддршка на Македонија во овој важен натпревар.