Фудбалерите на Јувентус и Торино одиграа без голови (0-0) во градското дерби „Дерби дела Моле“, одиграно во рамките на 11-тото коло од Серија А.
Старата дама неодамна направи промена на тренерската позиција, наместо Хрватот Игор Тудор на клупата седна легендарниот Лучијано Спалети, но засега резултатски напредок не се забележува.
Во првото полувреме Јувентус беше нешто поактивен, создаде неколку можности преку Копмајнерс и Камбијасо, но голманот на гостите Алберто Палеари двапати блесна со одлични интервенции.
Во второто полувреме се очекуваше поголем притисок од домашниот тим, но наместо тоа, Торино беше поблиску до гол. Во 61-та минута, Че Адамс со фантастичен дриблинг се ослободи од својот чувар и силно шутираше, но Ди Грегорио со одлична реакција го спаси Јувентус од сигурен погодок.
По ова реми, Јувентус останува на петтата позиција со 19 бода, додека Торино има 14 и се наоѓа на 11-то место на табелата.

