Гремио ја расипа роденденската журка на Палмеирас

Гремио е првиот полуфиналист во Копа Либертадорес, по возбудливиот двомеч со големиот ривал и славеник Палмеирас.

Ноќеска гостите од Порто Алегре славеа на гостински терен на „Алијанц Парк“ во Сао Пауло со 2:1 и ја анулираа негативата од 0:1 од првиот меч и поразот на свој терен.

Реваншот на кој Палмеирас славеше 105 години од постоењето почна во спектакуларна атмосфера и како по ноти за домаќинот. Луиз Адријано погоди во 14. минута и во тој момент славеникот беше многу блиску до полуфиналето во Копа Либертадорес, но гостите набрзина за само 120 секунди направија пресврт со головите на Евертон и Алисон и до крајот успеаја да ја задржат предноста.

Правилото за повеќе голови на гости им донесе на играчите на Гремио многу радост и тага во таборот на Палмеирас, клуб кој остана без шанса за втора круна во Јужноамериканската Лига на шампиони.

Гремио има три пехари од Копа Либертадорес и го чека подобриот од реваншот меѓу Интернасионал и Фламенго во второто бразилско дерби од четвртфиналето. Првиот меч го доби Фламенго со 2:0, а реваншот ќе се игра ноќеска.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести