Антоан Гриезман синоќа дебитираше на „Камп ноу“ како играч на Барселона. Иако многумина од фановите на каталонскиот гигант беа против трансферот на некогашниот играч на Атлетико Мадрид, Французинот уште во првиот меч на свој терен покажа дека ќе биде големо засилување.
Барселона губеше со 0:1, а во составот ги немаше ниту Лионел Меси, ниту Луис Суарес (двајцата се повредени). Тоа беше знак дека треба да проработи Гриезман. Со два гола, Французинот направи пресврт и донесе водство на Барселона, кое до крајот на мечот само беше зголемено.
Со двата погодоци кои беа навистина атрактивни, Гриезман многу брзо ја привлече публиката на „Камп ноу“ на своја страна. Овие погодоци имаат и посебно значење за Французинот. Тоа беше првпат Гриезман да даде гол на легендарниот стадион на Барселона. Интересно е што за вториот погодок тој сакал да го имитира Меси и тоа му се исплатеше.
„Вториот гол? Го гледав Меси на тренинг како постигнува такви голови, па решив да се обидам да го копирам. За моја среќа, ми успеа. Среќен сум што победивме бидејќи покажавме дека имаме квалитет. Ова е резултат на тимската игра“, рече Гриезман, кој во богатата кариера, дури 14 пати играл на „Камп ноу“, но се немаше израдувано ниту еднаш. Како играч на Реал Сосиедад и Атлетико Мадрид има дадено 185 погодоци, но ниту еден не беше на најголемиот стадион во Европа. За да го сруши тој малер, Гриезман едноставно требаше да го облече дресот на Барселона.