Гркот го освои завршниот АТП Мастерс во Лондон

Повеќе од два и пол часа траеше битката во финалето на завршниот АТП Мастерс во Лондон, а на крајот се радуваше Стефанос Циципас со 2:1 во сетови против Доминик Тим. За Гркот ова е најголем успех во кариерата, покажувајќи дека тој е еден од оние тенисери кои треба да ги заменат Федерер, Надал и Ѓоковиќ.

Уште во првиот сет беше најавена драмата. Двајцата тенисери си ги освојуваа гемовите на свој сервис и мораше да се игра тај-брејк, во кој Тим беше подобар со 8:6, во сет кој траеше повеќе од еден час.

Вториот сет многу лесно му припадна на Циципас со 6:2, а во третиот следуваше нова драма. Двајцата тенисери загубија по еден свој сервис, а на крајот, како што му личи на финале, победникот се реши во тај-брејк. Циципас беше посконцентриран кога беше најпотребно и на крајот се радуваше со 7:4 во тај-брејкот за победа од 2:1 во сетови.

Циципас е првиот Грк со ваков успех, а до трофејот успеа да стигне во дебитантскиот настап. Тој е најмладиот освојувач на ваков турнир по Лејтон Хјуит во 2001 година.

 

- Оглас -

Најнови вести