Грчките медиуми објавија дека ракометарите на АЕК сакале да играат синоќа во Скопје и биле разочарани што мечот нема да се игра, но клубот „немал друг избор“ и донесе конечна одлука да не се појави на теренот во знак на солидарност со дел од навивачите кои вчера не биле пуштени да влезат во Македонија.
Познато е дека од АЕК инсистираа сите (многу повеќе од 200) нивни фанови да бидат на трибините, иако тие немале билети и однапред беше договорено дека тоа е бројот за гостински навивачи, што го потврди и самиот клуб во текот на вчерашниот ден.
Претседателот на ракометниот клуб АЕК, Стаматис Папастаматис, им ја објаснил одлуката на играчите.
„Разбирам дека сите сакавте да ја водиме нашата битка. Но, правото на навивачите на АЕК е и наше право. Тие се нашата сила и ние ќе ги почитуваме по секоја цена. Нема да дозволиме неправда кон нашиот народ и измама од страна на локалните власти. АЕК е семејство. И ние сме едно со нашите фанови. Одлуката на сите во администрацијата е да не излегуваме и да играме. Разбирам дека сте професионалци и дека сте вознемирени во моментов. Но, најголемата поддршка на АЕК се неговите навивачи. И нашето почитување кон нив е неспорно“, рекол Папастаматис.