Гудељ е трагичарот на Севиља, но еден друг фудбалер се покажа како најголема кукавица

Шпанската Севиља ја продолжи негативата традиција – да губи во Суперкупот на УЕФА. За андалузискиот тим ова беше шести пораз во низа во борба за овој трофеј, а синоќа беа поразени од Манчестер сити, и тоа дури по изведување на пенали.

Во регуларниот дел беше 1:1, а потоа веднаш се шутираа пеналите. Девет успешни пенали имаше по ред, а последен во петтата серија кај шпанскиот тим беше Немања Гудељ. Српскиот репрезентативец шутираше во пречката, што беше знак за радост на фудбалерите на Сити.

По завршување на финалето, тренерот на Севиља, Хосе Луис Мендилибар, откри дека имало фудбалери кои немале храброст да шутираат во пенал-рулетот и дека Гудељ не бил прва опција за изведување на петиот пенал.

Во 93-тата минута, Мендилибар во игра ги внесе Рафа Мир и Сусо со план да шутираат во пенал-серијата. Мир беше сигурен во втората серија, а Сусо воопшто не шутираше, односно иако беше внесен да шутира пенал, одбил да преземе одговорност.

„Згрешив што го извадив Ламела од игра. Да останеше на теренот, тој сигурно ќе шутираше пенал. Мислев дека играчите кои влегоа во последните моменти ќе бидат многу посвежи и дека без проблем ќе шутираат пенал, но не било така. Да знаев што ќе направи, никогаш немаше да го внесам во игра“, рече Мендилибар, кој потоа бил запрашан дали мисли на Сусо и само климнал со главата во знак на одобрување.

Сусо дојде во Севиља од Милан за сума од 22 милиони евра и има договор на уште две години. Сепак, по синоќешното одбивање да шутира пенал, започнаа шпекулации дека Сусо во најскоро време ќе си замине од шпанскиот тим.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести