Гвардиола: Посилни сме од лани

Актуелниот првак Манчестер сити верува дека денеска повторно ќе се врати на победничките патеки откако минатиот викенд доживеа непријатно изненадување на свој терен и загуби од Кристал палас. За Кристал палас тоа беше прва победа на теренот на Сити по пауза од 28 години.

По тој кикс, Манчестер сити заостана четири бодови зад лидерот Ливерпул, но уште ништо не е решено бидејќи има уште многу мечеви за играње до крајот. Тренерот Пеп Гвардиола е убеден дека неговиот тим е уште посилен од лани, кога „граѓаните“ со рекордни 100 бодови станаа прваци на Англија.

„Во некои мали детали сме подобри, но тоа е нормално со оглед на тоа дека поминавме толку време заедно. На теренот имаме повеќе опции, како во нападот така и во одбраната. Разбирливо е да има период кога и ќе загубиш бодови, но најважно е да има подобрување во тимот. Да се освои Лигата на шампионите потребно е да се одиграат 6-7 меча на врвно ниво, но да се стане првак на Англија треба постојано да даваш 100 отсто од силите. Треба да играш на секои три дена против силни противници. Затоа, титулата во Премиер лигата за мене е нешто посебно“, вели Гвардиола.

Шампионот денеска гостува кај Лестер во меч од 19-тото коло.

 

- Оглас -

Најнови вести