Гвардиола постигна историски успех во ЛШ, а потоа порача: Сега сме во голема неволја

Хосеп Гвардиола го одведе Манчестер сити до полуфиналето во Лигата на шампионите откако во еден драматичен двомеч, само со еден гол го елиминира Атлетико Мадрид. Шпанскиот стратег призна дека неговиот тим имал среќа што ќе биде дел од полуфиналето, а додаде и дека неговиот тим е во голема неволја сега.

„Атлетико е шампион на Шпанија и така одигра. Со многу енергија. Во второто полувреме беа подобри од нас и имавме среќа што не примивме гол. Во првите 45 минути имавме шанси да дадеме гол и генерално заслужено сме во полуфиналето. Сега сме во голема неволја затоа што имаме голем број повредени фудбалери и не знам како ќе биде во наредните недели. Сепак, сега треба да се радуваме затоа што Манчестер сити третпат во историјата ќе игра во полуфинале на ЛШ“, рече Гвардиола.

Со овој пласман во полуфиналето, Гвардиола постави рекорд во Лигата на шампионите. Тој е првиот тренер кој успеал да стигне девет сезони меѓу најдобрите четири екипи во најсилното континентално натпреварување. На Гвардиола тоа му успеваше како тренер на Барселона, Баерн Минхен и Сити.

На второто место на оваа листа на тренери со најмногу настапи во полуфиналето се Карло Анчелоти и Жозе Мурињо, кои по осум пати ги воделе своите екипи во полуфиналето. Анчелоти тоа го правеше со Јувентус, Милан и Реал Мадрид, а Мурињо до полуфиналето ги водеше Порто, Челзи, Интер и Реал Мадрид.

Интересно е што токму Гвардиола во полуфиналето ќе се сретне со Анчелоти. Во првиот меч, Манчестер ќе биде домаќин на 27 април, а реваншот е на 4 мај на „Сантијаго Бернабеу“.

 

- Оглас -

Најнови вести