Унион Берлин доби женски тренер, а таа порача: „Соберете се, момци“ (Видео)

Мари-Луиз Ета (34), на која во саботата ѝ беше доверено водењето на првиот тим на Унион Берлин, денес го одржа првиот тренинг на новата позиција, на која пристигна со широка насмевка на лицето.

„Соберете се, момци“, им порача пред своето прво обраќање до играчите на германскиот прволигаш.

Иако тренингот беше затворен за јавноста, присуствуваа околу 40-тина германски и меѓународни новинари, а присутен беше и претседателот на клубот, Дирк Цинглер.

Германката во првите половина час главно ги набљудуваше вежбите што ги изведуваа играчите, а активно се вклучи кога почнаа да вежбаат тактички формации.

Ета на позицијата главен тренер го замени отпуштениот Штефен Баумгарт, а првично е именувана на функцијата до крајот на сезоната, во која Унион ќе одигра уште пет натпревари.

Екипата се наоѓа на 11-тото место со 11 бода предност над зоната за директно испаѓање, а берлинскиот тим во оваа календарска година има само две победи.

Ета, која стана првата жена што презеде водење на сениорски тим во една од петте најсилни европски лиги, на клупата на Унион ќе дебитира во сабота, кога во Берлин ќе гостува претпоследниот Волфсбург.

- Оглас -

Најнови вести