Халанд даде четири погодоци, а потоа излезе за да му отстапи место на детето кое има 44 гола во 17 меча

Ерлинг Халанд е ѕвездата на вечерта во Европа, откако утрово ја доби наградата „Златно момче“ за најдобар млад играч во Европа, а вечерва блесна во победата на Борусија Дортмунд против Херта. Халанд за само 32 минути даде четири гола во второто полувреме и ги демонстрираше својата сила и талент.

Освен четирите гола на Халанд, на мечот во Берлин се случи уште еден историски момент. Во 85 минута, Халанд беше повлечен од игра, а на негово место во игра влезе Јусуф Мукоко. Тоа е детето кое се очекува во брзо време цела Европа да слушне за него.

Мукоко вчера наполни 16 години, а веќе денеска заигра во првиот тим на Борусија и стана најмладиот дебинат во историјата на Бундеслигата. Иако само што наполни 16 години, Мукоко е момчето кое во изминативе две години доминира во младинската лига.

Во тимот на Борусија Дортмунд У19, иако игра со неколку години постари играчи, Мукоко е незадржлив. Сезонава одигра три меча и на сите три постигна хет-трик и вкупно на своето конто има 10 погодоци. Минатата сезона одигра 14 средби за У19 составот на Борусија Дортмунд и вкупно постигна 34 голови. Во дебито за јуниорскиот тим со само 14 години Мукоко даде шест гола и покажа дека е екстра талент.

Тоа значи дека вкупно на 17 средби за У19 тимот на Милионерите, тинејџерот постигнал вкупно 44 голови, што е доволен доказ дека заслужил да влезе во историјата на Бундеслигата како најмлад дебитант. Мукоко има германски пасош и треба да е иднината на репрезентацијата на Панцерите, иако неговото потекло е од Камерун.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести