Напаѓачот на Манчестер сити и на норвешката репрезентација, Ерлинг Халанд, стави потпис на најголемиот спонзорски договор во историјата на фудбалот.
Халанд потпиша десетгодишен договор со производителот на спортска опрема „Најки“ тежок 227 милиони евра откако едномесечните преговори завршија успешно.
„Со своите игри и постигнатите голови, Халанд не ја одбележа само сегашноста, туку и иднината. Тој е наследник на најголемата деветка и е напаѓач на новата генерација“, со овие зборови „Најки“ го потврди потпишувањето на договорот со Халанд.
Норвежанецот со потписот на најголемиот спонзорски договор им се приклучи на Кристијано Роналдо, Килијан Мбапе, Хари Кејн, Маркус Рашфорд, Кевин де Бројне како најголеми амбасадори и манекени на „Најки“ во светот на фудбалот.
Претходниот договор на Халанд со „Најки“ истече на 31 декември 2021 година и Норвежанецот минатата година настапуваше во опрема на „Најки“, „Адидас“ и на „Пума“. На претставувањето како нов играч на Манчестер сити, тој се појави со копачки на „Пума“, а на натпреварите во Лигата на нациите играше со „Адидас“.
Одлуката на Халанд да потпише за „Најки“ не беше тешка бидејќи неговиот идол Луис Назарио да Лима Роналдо во текот на целата кариера беше заштитно лице на американскиот производител на спортска опрема.
Ерлинг Халанд сезонава досега одигра 37 натпревари за Манчестер сити во сите натпреварувања и постигна дури 42 гола.