Неверојатно е ова што се случува во Хрватска вчера и денеска по повод прославата на третото место на Европското првенство во ракомет. Политиката длабоко се вмеша и придонесе за хаосот кој се случува.
Градот Загреб, кој дава дозволи за собири на јавно место во хрватската престолнина, најави дека ќе им приреди пречек на плоштадот „Бан Јелачиќ“, но да не пее контроверзниот профашистички настроен музичар Марко Перковиќ-Томпсон.
Ракометарите го одбија тоа, инсистираа Томпсон да ја испее песната која е како нивна неофицијална химна. Затоа градот ја откажа прославата. Но, денеска се случи пресврт и од 18 часот сепак ќе има прослава, организирана од Владата на Хрватска, и ќе пее Томпсон.
Проблемот е што ни Владата, ни кој било друг не смее да го прави тоа без соодветната дозвола од Градот Загреб. Градот не обезбеди приклучоци за струја. Се јави и претседателот на државата, Зоран Милановиќ, кој рече дека собирот е без никаква правна основа и го нарече „неуставен, незаконски и пиратски акт“.

