Лидерот во шкотскиот шампионат, тимот на Хартс, не се откажува од намерата да го купи напаѓачот на Вардар, Роџерс Мато, и до крајот на зимскиот преоден рок. Иако Хартс постигна преддоговор со Мато да пристигне како слободен агент по завршувањето на сезоната и истекот на договорот со Вардар, што би значело дека најтрофејниот македонски клуб би останал без финансиски надомест, сепак, Шкотланѓаните би сакале да го имаат брзоногиот напаѓач и за вториот дел од тековната сезона.
Ова значи дека продолжуваат преговорите со Вардар, кој повторно добива можност и да наплати завидна сума за трансфер на репрезентативецот на Уганда.
Претходно, Хартс официјално понудил 300.000 фунти (околу 350.000 евра) за Роџерс Мато, но Вардар ја одби понудата и побара 1.500.000 евра. Откако Хартс јавно објави дека сепак има преддоговор со играчот на Вардар за летниот преоден рок, сега веројатно преговорите ќе продолжат, а и македонскиот клуб ќе им пристапи многу потемелно.

