Хауард конечно дебитираше за Вашингтон, Визардс пак немаа магија

Вашингтон визардс ја нема магијата и претрпе нов убедлив пораз, петти по ред, иако конечно го имаше на паркетот Двајт Хауард. Оклахома тандерс беше убедлива и славеше со 134:111 во првиот меч што Двајт го одигра за Визардс.

Еден од најдоминантните центри во НБА лигата ја почна новата авантура во Вашингтон со 20 поени, но и со пораз. Бредли Бил беше најефикасен на мечот со 27 поени, но и тоа не им помогна на волшебниците да ја прекинат црната серија од пет порази.

Кај гостите Расел Вестбрук доминираше со 23 поени и 12 асистенции.

Голем пех му се случи на Дерик Роуз во „Оракл арена“ на гостувањето кај шампионот Голден стејт вориорс. По извонредната партија и 50 постигнати поени против Јута Џез на претходниот меч, што му беше рекорд на кариерата, бекот на Минесота се повреди по само пет минути игра.

Роуз го повреди скочниот зглоб и мораше да го напушти паркетот, а Минесота без него убедливо загуби од Голден стејт вориорс со 99:116.

Кевин Дурант со 33 поени и 13 скока и Стеф Кари со 28 поени, 7 асистенции и 9 скока беа доминатни, а им се приклучи и Клеј Томпсон со 22 поени за  нов триумф во НБА лигата.

Резултати: Орландо – Л.А. Клиперс 95:120, Бруклин – Хјустон 111:119, Чикаго – Индијана 105:107, Вашингтон – Оклахома 113:134, Далас – Њујорк 106:118, Јута – Мемфис 100:110, Феникс – Торонто 98:107, Голден стејт – Минесота 116:99.

- Оглас -

Најнови вести