И атлета како Роналдо не го издржа пеколниот распоред на УЕФА, се замори и не игра против Швајцарија

Проблеми со повредите на играчите зачестија, по нехуманата одлука на УЕФА европските репрезентации да играат блок натпревари во јуни во Лигата на Нации и тоа по три- четири во кус рок веднаш по завршувањето на клупската сезона.

Еден од играчите што не го издржа докрај пеколното темпо на натпревари во првата половина на јуни е и Кристијано Роналдо.

Ѕвездата на Португалците мораше да го напушти тренингот утрово и нема да патува за Женева, каде утре неговата репрезентација и гостува на Швајцарија во меч од А сегментот во Лигата на Нации.

Истото му се случи и на Рафаел Гереиро, па и тој нема да игра исто како и Роналдо и Мутињо.

Проблеми со повреди во јунската фудбалска сесија од четири меча за десеттина дена има и македонската репрезентација.

Утре го играме последниот од четирите меча во јуни во Лигата на Нации, а се повредија Александар Трајковски и Елиф Елмас. Трајковски сигурно нема да игра против Гибралтар во Скопје, утре од 18 часот, а неизвесен е и настапот на Елмас.

Селекторот Благоја Милевски истакна дека има уште неколку репрезентативци што се жалат на проблеми, па напорното темпо за жал си го зема данокот и во таборот на македонската репрезентација.

 

- Оглас -

Најнови вести