Феникс санс го разби Голден стејт вориорс со 134-105 во меч од НБА-лигата, кој мина во знакот на првото исклучување во кариерата на Клеј Томпсон, кој има одиграно 651 меч од регуларна сезона и 145 плејоф-дуели.
Во средината на третата четвртина при резултат 81-76 за Санс, Томпсон влезе во вербален конфликт со Девин Букер, по што му беше покажана прво техничка, а потоа и исклучувачка лична грешка. Томпсон цело време беше нервозен, ги провоцираше противниците и публиката, и на крајот „пукна“, па му беше покажан патот кон соблекувалната.
На Томпсон не му одеше, даде само два поени до исклучувањето, ги утна сите пет обиди за тројка, па и тоа придонесе за нервоза. По неговото исклучување, гостите беа немоќни, па Феникс извојува многу убедлива победа.
Фановите велат дека после ова, одвај чекаат да дојде 19 ноември, кога Воините и Сонцата повторно ќе играат едни против други.
Интересно беше и во Њу Орлеанс, каде што Пеликанс и без Зион Вилијамсон и Брендон Инграм го совладаа Далас маверикс со 113-111. Кај поразените, Лука Дончиќ се истакна со 37 поени и 11 скока, но неговиот шут за победа во последната секунда беше непрецизен и баскетот се одби од обрачот.
Klay got ejected after things got chippy with him and D-Book. pic.twitter.com/F5RPVdnN7Q
— Bleacher Report (@BleacherReport) October 26, 2022