И статистиката покажува: Македонија беше подобра од Германија и заслужено победи

Македонија со 2:1 ја победи Германија и го стресе фудбалскиот свет. Сепак, дека победата на Македонија не е случајна и е сосема заслужена, покажуваат и бројките од статистиката по мечот.

Нашите фудбалери играа максимално концентрирано и не му дозволија на големиот фаворит ни да „мрдне“. Во текот на целиот меч, ѕвездите на четирикратниот светски првак успеаја да шутнат само двапати во рамките на голот на Македонија, додека останатите девет нивни удари беа безопасни.

На спротивната страна, нашите фудбалери упатија три удари кон голот на Германија и двапати успеаја да го матираат голманот на Барселона, Марк-Андре тер Штеген. Легендарниот Горан Пандев и неговиот наследник Елиф Елмас погодија, со што се круниса одличната игра на целиот тим во Дуисбург.

Освен поголем број прецизни удари кон голот, Македонија изведе и повеќе корнери. Нашите имаат пет удари од аголот, а Германија изведе само два корнера. И на крајот, во тоа што е најважно и тоа што најмногу се брои, Македонија даде два гола, а Германија само еден, па Панцерите по цели 20 години првпат загуби дома во квалификации за СП, прекинувајќи ја низата од 35 средби без пораз (30 победи и пет нерешени).

- Оглас -

Најнови вести