Во пресрет на дуелот од Лигата на шампионите, тренерот на Баерн Минхен, Венсан Компани, ги заврши сите вообичаени обврски – го водеше тренингот во клупската база и отпатува во Париз, каде што заедно со Упамекано се обрати пред медиумите на „Паркот на принцовите“.
Сепак, тука завршува неговата вообичаена улога. Поради жолт картон заработен против Реал Мадрид, Компани нема да може да го води тимот во првиот полуфинален натпревар против ПСЖ. Правилата на УЕФА се јасни – од моментот на пристигнување на стадионот му е забранет каков било контакт со играчите и стручниот штаб.
Наместо него, екипата од клупата ќе ја предводи помошниот тренер Арон Денкс, кој е дел од стручниот штаб на Компани од неговото доаѓање во Баерн во 2024 година.
Денкс е задолжен за прекини, но веќе има искуство во водење тим во специфични ситуации, па неговото привремено преземање на улогата главен тренер не е изненадување. Во клубот важи за тактички многу поткован тренер.
Во меѓувреме, Компани ќе го следи натпреварот од ложата на стадионот „Паркот на принцовите“ под постојан надзор на претставници на УЕФА, кои ќе внимаваат да нема контакт со тимот.
Тоа практично значи дека нема да има можност за комуникација – ниту телефонски, ниту на кој било друг начин.
Белгискиот стратег и претходно изрази незадоволство од жолтиот картон против Реал сметајќи дека е неоправдан, особено со оглед на важноста на натпреварот што следи.
Јасно е – Баерн во Париз ќе игра без својот главен тренер на клупата, но под будното око на човекот кој ќе го следи секој потег од трибините.

