И во ракометот ќе се воведува технологијата ВАР?

Данските судии Мад Хансен и Мартин Гјединг, кои ја оштетија Хрватска на дуелот со Германија на Светското првенство во ракомет за мажи, предложија воведување на „челинџ“ и во ракометот, како и во некои други спортови. Во хокејот на мраз, тенисот и американскиот фудбал играчите или тренерите имаат право да оспорат судиска одлука и да побараат помош од технологијата за да се утврди дали одлуката е добра или не, а и во фудбалот има ВАР-систем и прегледување на повторена снимка.

Ако се прифати предлогот на Данците, тогаш судиите би го прекинале мечот, ќе одат на записничка маса да ја погледнат спорната ситуација, а потоа ќе одлучат дали ќе ја потврдат или сменат одлуката.

„Ако имаше вакво нешто на мечот Хрватска – Германија, сигурно ќе ја сменевме одлуката и немаше на Хрватите да им досудиме фаул во еден од последните напади. Одлучивме во дел од секунда, а подоцна откако неколку пати ја видов ситуацијата, сфатив дека сме погфрешиле“, изјави Гјединг.

Гјединг зборува за ситуацијата кога на Игор Карачиќ му беше досудено пробивање на една и пол минута до крајот, при водство на Германците со еден гол разлика.

И во ИХФ се заинтересирани за воведување на видеотехнологијата во интерес на подобрување на ракометната игра, па наскоро на состанок ќе се разгледува можноста за воведување правило со кое тренерот ќе има право да побара „видеопредизвик“ на некоја судиска одлука.

- Оглас -

Најнови вести