Златан Ибрахимовиќ се очекува во најскоро време да потврди дека кариерата ќе ја продолжи во Италија. Легендарниот голгетер во Серија А играше за Јувентус, Интер и Милан, а сега е енигма каде ќе ја продолжи кариерата. Во едно интервју, Ибрахимовиќ открива за еден инцидент меѓу него и Марко Матераци.
Ибра играше за Милан, а Матераци беше во Интер кога Швеѓанецот со кунг-фу удар буквално го разнесе Матераци. Дефанзивецот на Интер заврши во болница, а Ибрахимовиќ објасни зошто го направил тоа.
„Кога играв во Јувентус, во една ситуација Матераци остро стартуваше над мене со двете нозе со намера да ме повреди и тоа го направи. Тој беше тврд играч, но постајат два вида такви играчи. Едните имаат намера да ве повредат, а другите како Малдини беа тврди и остри на сосема поинаков начин. Не сакаа никако да ве повредат. По тој старт на Матераци не можев да го продолжам мечот. Чекав четири години за да му се одмаздам и тоа се случи кога бев играч на Милан во сезоната 2010/11. Успеав да изнудам пенал за Милан, а Матераци ме фаулираше. Во второто полувреме ја дочекав мојата шанса да му се реванширам за крвничиот старт и му отидов со кунг-фу удар. Кога Станковиќ ме праша зошто го направив тоа, му реков дека четири години го чекав тоа и дека сѐ се враќа, сѐ се плаќа“, откри Ибрахимовиќ.
На оваа изјава на Ибрахимовиќ веднаш се јави Матераци со одговор. Некогашниот дефанзивец на Интер на својот „инстаграм-профил“ истакна фотографија од шампионската екипа на Нераѕурите од 2009/10 година и напиша: „Дојдов, видов, победив. Ти благодарам Златан Ибрахимовиќ, без тебе никогаш немаше да успееме“, е пораката на Матераци.
Ибрахимовиќ кога си замина од Интер, Нераѕурите станаа европски прваци, а Ибрахимовиќ никогаш во кариерата не ја освоил Лигата на шампионите.