Ибрахимовиќ го прифати најкраткиот договор во кариерата

Легендарниот шведски напаѓач, Златан Ибрахимовиќ ја прифатил понудата од Милан и од први јануари ќе му се приклучи на тимот од „Сан Сиро“, пишуваат италијанските медиуми. Според договорот, Ибрахимовиќ ќе остане меѓу „росонерите“ шест месеци, што би бил најкраток договор во неговата кариера.

Популарниот Ибра играше за Милан во периодот од 2010 до 2012 година, кога и успеа да го освои Скудетото. По таа титула во 2011 година, Милан се нема израдувано на шампионски пехар во Серија А. Италијанските медиуми тврдат дека за шестмесечниот престој во Милано, Ибрахимовиќ ќе добие 2,2 милиони евра.

Златан моментно е без обврски, откако му заврши сезоната во САД, каде што го носи дресот на Лос Анџелес галакси. Новите предизвици во МЛС во САД започнуваат дури напролет, што му дава шанса да игра во Милан додека е таму „мртва сезона“.

Како играч на Милан досега има дадено 56 погодоци. Еден од најдобрите напаѓачи во изминативе 20 години во светот, во кариерата има играно уште за: Малме, Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона и Манчестер јунајтед.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести