Ибрахимовиќ морал да замолчи: Кој е играчот што успеал да го построи Златан?

Во изминативе две децении, Златан Ибрахимовиќ не само што се промовираше во еден од најдобрите голгетери, туку тој е познат и како еден од најнезгодните карактери во фудбалот. Швеѓанецот често знае да биде во прв план кога се расправиите, без разлика дали е тоа со противнички или свои играчи. Ибра едноставно сака да доминира и на теренот и во соблекувалната, а останатите да го слушаат.

Сепак, постои играч кој успеал да стави крај на доминацијата на Златан. Тоа е Маркус Рохо. Аргентинецот и Златан беа соиграчи во Манчестер јунајтед, а Рохо открива една интересна анегдота.

„Игравме против Ростов во меч од Лигата на Европа. Златан сакаше во секој напад да му ја додаваме топката на него. Во еден момент топката дојде кај мене, а јас решив да му подадам на Погба. Тогаш Ибрахимовиќ започна да се дере зошто не сум му подал нему, да мавта со рацете и да објаснува. Многу работи ми изнакажа, па решив да му вратам. „Носоња, што ти е проблемот? Замолчи.“ Потоа се деревме еден на друг на сред терен на Олд Трафорд. Кога дојде време за полувреме на мечот, си помислив што ќе се случи во соблекувалната. Сигурно ќе ме претепа, подобро да најдам некој стап. Висок е два метри и знае карате. Знаев дека морам прв да стигнам во соблекувалната. Седнав на своето место, а потоа тој дојде. Беше лут, но јас прв се развикав: „Замолчи и доста веќе само се дереш“. Се расправавме, а останатите играчи само молчеа и гледаа. Потоа дојде Мурињо и застана меѓу нас, па двајцата престанавме да викаме“, открива Рохо за тоа што се случувало на дуелот со Ростов.

Аргентинецот вели дека токму тој инцидент ги зближил двајцата играчи.

„Следниот ден, на доручекот некој дојде позади мене и ме фати за врат. Се свртев и видов дека тоа е Златан. Гласно се смееше и викаше: „Кучкин сине, не смееш така да ми зборуваш пред сите“. Потоа се шегувавме за инцидентот и ги подобривме односите“, додаде Рохо, кој сега е на позајмица во Естудијантес, а Ибра е дел од тимот на Милан.

 

- Оглас -

Најнови вести