Шведскиот голгетер Златан Ибрахимовиќ со приватен авион во раните утрински часови слета на „Линате“ во Милано, и се врати во тимот во кој дојде во јануари и ја доигра сезоната во Серија А со 11 гола на 20 меча во црвено-црниот дрес. Ибра го продолжи договорот со Милан за уште една сезона во која ќе добие плата од 6 до 7 милиони евра.
„Сакав да се вратам дома. Ќе почнеме да работиме за да постигнеме подобри резултати. Јас не сум тука за да бидам маскота, туку да донесам резултати, да го однесам Милан таму каде што треба да биде. Имавме убави шест месеци, но ништо не освоивме. Сега почнуваме од нула, ќе треба да се жртвуваме за да ги исполниме целите. Во добра форма сум, се надевам дека навивачите наскоро ќе се вратат на трибините, многу ни е важна и потребна нивната поддршка. Напред Милан“ – изјави Ибра кој ќе мора да седи дома во самоизолација додека не ги добие резултатите од тестирањето за Ковид-19.