Марко Кизиќ, талентираниот македонски голман се согласи да учествува во нашата хуманитарна акција и состави тикет чија евентуална добивка од околу 1.600 евра, или поточно 99.619 денари, ќе оди во добротворни цели.
Иако има само 20 години, Кизиќ покажа огромен потенцијал и надеж дека во него лежи новиот ракометен Министер за одбрана. Ја ужива довербата дадена од селекторот Кире Лазаров да биде дел од сениорската репрезентација на Македонија каде што собира дополнително искуство кое ќе му биде од голем придонес за настапите на големите натпреварувања во иднина.
Кизиќ се калемеше во Вардар, но од јули кариерата ја продолжува во редовите на Еурофарм Пелистер, трансфер за кој Марко вели дека ќе му биде чекор напред во кариерата.
„Главната причина што одлучив да се преселам во Пелистер е бидејќи сакам да бидам дел од тим каде што ќе имам поважна улога и ќе добивам поголема минутажа. Тоа е многу важно за мене во овој момент“, ни открива Марко.
До сениорскиот тим на двократниот европски првак стигна преку младинските категории, каде што Кизиќ работејќи со искусни играчи како Столе Соилов и Борко Ристовски, му го покажаа кој е вистинскиот пат до успехот.
„Многу е важно за мене да сум покрај големи ракометари како што се Столе и Борко. Имам голема предност што можам да се усовршувам покрај нив, бидејќи тие знаат како се станува успешен играч, а се надевам дека ќе можам да го следам нивниот пример“, вели Кизиќ.
Фудбалот го следи колку што му дозволува слободното време, Марко сака да ужива во добар натпревар, а бидејќи од мали нозе е навивач на Манчестер јунајтед, Кизиќ сигурно вчера уживал во голедата на „Олд трафорд“ и големата победа на Ѓаволите од 6-2 против Рома во Лигата на Европа.
Неговиот добротворен тикет е составен од само пет натпревари, но добивката е сосема солидна, па затоа на Марко му посакуваме успешно типување, но и среќа во наредниот квалификациски дуел на Македонија против Швајцарија, кој се игра на денот на еден од најголемите православни празници, Велигнден.