Се играше додека Бразил не победи, а тоа беше 100-тата минута (Видео)

Бразил го задржa стоотсотниот биланс на Копа Америка откако во неверојатно драматичен меч со 2:1 ја победи Колумбија, во рамките од третото коло. Колумбијците има за што да жалат затоа што поведоа со голот на Дијас само по 10 минути игра и на полувреме имаа предност. Дијас погоди на спектакуларен начин со волеј во пад.

Во вториот дел Бразил комплетно нападна и на крајот тоа им се исплатеше. Кариоките, кои имаа 69 отсто посед на топка и дури 15 шута кон противничкиот гол, најпрво стигнаа до 1:1 со голот на Фирмино во 78-мата минута, а потоа следуваше драмата. Арбитерот покажа дека треба да се играат 10 минути судиско надополнување, а токму во 10-тата минута од продолжувањето, Касемиро со глава постигна втор гол за Бразил, за победа од 2:1.

„Бразил заслужува признание за менталната сила која ја покажува. Колумбија еднаш тргна во напад, даде гол и потоа тоа се претвори во меч на екипа која напаѓа и екипа која се брани. Постојано се обидувавме да погодиме и заслужено победивме“, рече херојот на Бразил, Каземиро.

Во вториот меч кој се играше ноќеска, Еквадор и Перу ремизираа 2:2, иако Еквадорците водеа со 2:0 на полувреме.

Вечерва играат Боливија – Уругвај и Чиле – Парагвај.

 

- Оглас -

Најнови вести