Работнички загуби и се уште стравува за опстанокот, Ангели направија „магичен“ пресврт

Второто коло од плејофот и плејаутот на кошаркарската Супер лига разрешија три дилени, но отворија неколку прашања кои ќе треба да бидат одговорени во последните три кола.

Пелистер со триумфот од 95-85 на гостувањето кај Кожув и официјално им се приклучи на ТФТ и МЗТ Скопје во полуфиналето од разигрувањето за титулата, а четвртото слободно место ќе се води голема битка меѓу гевгеличани, но и Маџари и Тиквеш.

Токму дебитантот Маџари направи изненадување и славеше во Кавадарци со 97-100 и во моментов е во пол-позиција за четвртото место.

Во борбата за опстанок, по ова коло јасно е дека Куманово и Чаир и следната сезона ќе бидат дел од Супер лигата. Нивниот меѓусебен дуел заврши со гостински триумф на Куманово од 83-91, па откако и другите резултати им се „поклопија“, и двете екипи си го обезбедија опстанокот.

Гостивар по продолжение од пет минути славеше над Работнички со 75-70 и остана во игра за опстанокот, иако шансите за такво нешто се минимални. Поразот во Гостивар значи дека екипата од „Градски парк“ се уште ќе стравува за опстанокот, бидејќи теоретски се уште може да испадне.

Најголемото изненадување го направи екипата на Ангели, која на домашен терен го победи Феникс со 85-84. „Фенерџијата“ во еден момент имаше негатива од 23 поени, а на две ипол минути пред крајот губеше со 10 поени разлика, но на крајот успеа да направи пресврт и да ја забележи првата победа на паркет оваа сезона, откако единствената до сега беше онаа службената против МЗТ Скопје во четвртото коло.

Феникс со неочекуваниот пораз се доближи до испаѓање од македонската кошаркарска елита, бидејќи има заостанување од две победи позади Работнички.

- Оглас -

Најнови вести