Ѓорче Петров и Спартак во битка за трофејот од женскиот ракометен Куп на Македонија

Ѓорче Петров и Спартак ќе играат за трофејот од женскиот ракометен Куп на Македонија во недела со почеток од 17 часот во салата „Парк“ во Струмица. Бранителот на двојната круна, Ѓорче Петров, очекувано дојде до финалето, откако во полуфиналето славеше со убедливи 37-15 над битолски Пелистер.

Ако пласманот на Ѓорче Петров во финалето е очекуван, тогаш вистинска сензација претставува победата на Спартак над Чаир од 24-23. Екипата од скопска Кисела Вода дојде како дебитант на завршниот турнир во Струмица и успеа да го елиминира фаворитот, кој последните две години играше во мечот за трофејот.

Спартак првпат во својата историја ќе има можност да игра за трофеј, а дуелот против моментално најдобрата женска ракометна екипа во Македонија, Ѓорче Петров, ќе биде вистински предизвик за екипата која зимава се засили со неколку ракометарки од редовите на распаднатиот суперлигаш Металург Автокоманда.

- Оглас -

Најнови вести