Пред почетокот на оваа сезона, италијанскиот интернационалец Даниеле Ругани од Јувентус се пресели во Ајакс. Искусниот 30-годишен фудбалер се очекува вечерва првпат да биде стартер во дресот на Ајакс.
Холандскиот гигант Ајакс гостува во Азербејџан кај Карабах, а малку фалеше Ругани воопшто да не се појави на стадионот. Кога експедицијата на Ајакс пристигна на аеродромот во Баку, беше утврдено дека Ругани нема валидна виза за влез во земјата.
Токму поради тоа Ругани бил задржан на аеродромот, каде што морало и да преспие додека не дојде исправниот документ.
„Месецот на моето раѓање на визата беше август наместо јули. Требаше време за да биде исправена таа грешка, а потоа ми дозволија влез во земјата. Добро се наспав Среќен сум што ќе можам да играм за Ајакс“, вели Ругани.
Тренерот на Ајакс, Франциско Фариоли, вели дека Ругани ќе игра на позиција стопер заедно со Хрватот Јосип Шутало.
„Ругани ни носи многу искуство. Тој многу добро знае што се бара на мечеви од меѓународен карактер. Сега е време да почне“, вели тренерот Фариоли.