Манчестер јунајтед зад себе ја има најлошата сезона во последните неколку децении. Тимот на Рубен Аморим заврши на прагот од зоната за испаѓање, а од следната сезона целта е сериозно подобрување.
Со цел да се постигнат подобри резултати и да се забележи напредок на сите полиња, раководството на клубот се одлучи за уникатен потег.
Играчите на Манчестер јунајтед покрај договорот, потпишуваат и договор за подобрување на стандардите за однесување надвор од теренот. Стивен Хаусон, човек многу близок до соблекувалната на Јунајтед, откри дека сопственикот на клубот, Џим Ратклиф, наредил сите играчи кои потпишуваат за клубот да потпишат и договор за да се подобрат стандардите надвор од теренот.
Ова носи строги кодекси за облекување, како и интеракција со фановите на настаните.
„Ми беше кажано дека сите играчи оваа година мора да потпишат договор за стандардите и работите што ги прават на и надвор од теренот. Најчесто станува збор за работа надвор од теренот“, рече Хаусон, кој објасни подетално:
„Ако одат на некој настан, тие поминуваат време таму комуницирајќи со фановите. Веќе не им е дозволено да поминуваат покрај фановите. Исто така има и правила на облекување за тоа како се претставуваат кога се во јавност, како и навистина сериозни работи со доцнењето“, додаде тој.
Новата сезона во Премиер лигата е на прагот, па останува да видиме дали Манчестер јунајтед конечно ќе заигра како во старите добри времиња кога беше прв фаворит за титулата.