Играчите на Манчестер јунајтед во паника од коронавирусот избегале од хотелот

Мини-паузата во англиското првенство играчите на Манчестер јунајтед ја искористија да заминат во Шпанија, во топлата Марбелја. Иако требало да биде момент за релаксација и полнење на батериите пред следните тешки мечеви во Премиер лигата, играчите биле непријатно изненадени и едноставно морале да избегаат од хотелот во кој првично требало да престојуваат.

Причина за смена на хотелот е тоа што фудбалерите на Манчестер дознале дека непосредно пред нив во тој хотел престојувале фудбалери на кинескиот Далијан Јифанг, каде што тренер е прославениот Рафаел Бенитес. Иако добиле гаранции дека нема ништо опасно да бидат во хотелот, од Манчестер јунајтед решиле да ги сменат локацијата и хотелот.

На крајот фудбалерите биле преместени во друг луксузен хотел за да може во мир да се подготват за следните предизвици. Манчестер јунајтед во јануарскиот преоден рок во своите редови го доведе напаѓачот Одион Игало, кој претходно настапуваше токму во Кина. Иако е дел од клубот, Игало сепак не е со играчите во Шпанија и тоа токму поради коронавирусот. Нигериецот е ставен во двонеделен карантин за да се уверат дека не е инфициран од смртоносниот вирус.

Манчестер јунајтед во понеделник ќе гостува кај Челзи во дербито на колото од Премиер лигата.

 

- Оглас -

Најнови вести