Дуелот меѓу Воска Спорт и Вардар кој се играше во Охрид не го дочека крајот. Се играше 71 минута кога Филип Дурански шутираше, топката удри во пречката, а потоа заврши зад гол-линијата. Дури потоа реагираше голманот на Воска, но арбитрите веќе покажаа дека е погодок за 1:1 и дека Воска треба да започне од центарот.
Домашните фудбалери спортски ја прифатија одлуката на судијата дека Вардар постигнал погодок и продолжија со игра.
Сепак, од клупата каде што беше тренерот на Воска, Клодиан Арбери имаше постојан притисок неколку минути, домашните играчи да го напуштат теренот. Реакции имаше и од гледачите, но сигурно гледачите не се тие кои треба да се слушаат дали треба да се прекине еден натпревар.
По неколку минути константен притисок од тренерот Арбери, фудбалерите на Воска во моментот кога требаа да изведат аут, потклекнаа на притисокот и го напуштија теренот.
Со овој прекин и недоигрувањето на мечот, тренерот Арбери само направи штета на Воска Спорт, екипа која сигурно ќе добие казна од ФФМ поради овој срамен прекин.