Ѕвездата на Бодо/Глимт, Јенс Петер Хауге, се надева дека повторно ќе блесне во своето „градско дерби“ за да му помогне на својот тим да стигне до осминафиналето во Лигата на шампионите.
Репутацијата „убијци на гиганти“ која ја има норвешкиот првак, беше зацврстена со победата над Интер од 3-1 во првиот натпревар од плејофот, а вечерва на „Сан Сиро“ ќе пробаат да ја одбранат таа предност.
Хауге кој даде гол за 2-1, има многу мотиви. Тој е поранешен играч на Милан, а нема дадено гол во градското дерби со Интер.
„Ќе биде посебно за мене да се вратам на Сан Сиро. Ова беше мојот прв натпревар против Интер… но секогаш е убаво да се постигнуваат голови“, вели Хауге.
Парадоксално, неговата најдобра ноќ на „Сан Сиро“ се случи на 24-ти септември 2020 година, носејќи го дресот на Бодо баш против Милан. Тоа доведе до неговиот потпис за Росонерите.
„Изгубивме со 3-2, но се забавувавме. Се чувствував одлично. Бев самоуверен, трчав повеќе од сите други и на крајот постигнав гол и асистенција. Мојот телефон беше преплавен со пораки. Малдини ми се јави: „Јенс, те чекаме во Миланело“. Едвај можев да поверувам што се случуваше “, се сеќава тој.
Имал преддоговор со Серкл Бриж, но одбил кога дошла понудата од Милан. Не играше премногу, па замина во Ајнтрахт Франкфурт во 2022 година.
„Не сакав да поминам уште една сезона на клупата, особено затоа што на почетокот постигнав важни голови и имав многу шанси. Бев малку фрустриран, но не му се лутам на Пиоли. Милан е елитен клуб, но сакав да играм, па затоа размислував за себе. Росонерите ме направија човекот што сум денес“, вели Хауге.

