Игуаин ја заврши репрезентативната кариера

Гонзало Игуаин се повлече од репрезентацијата на Аргентина, напаѓачот на Челзи во својата кариера запиша 75 настапи за „гаучосите“ во кои постигна 35 погодоци. Тој смета дека е време да го отстапи местото на помладите, а во последната репрезентативна пауза не беше повикан од страна на селекторот Скалони.

Триесет и едногодишниот фудбалер своето деби за Аргентина го запиша во октомври 2009 година против Перу за мундијалските квалификации и во првиот меч забележа погодок. Последен пат сино-белиот дрес го носеше во победата над Нигерија со 2-1 во групната фаза од СП, кое се одржа во Русија минатата година.

„Сметам дека е вистинско време да се повлечам од репрезентацијата. Сакам поголемиот дел од слободното време да го посветам на семејството, како и во добро светло да ја завршам сезоната со Челзи. Премиер лигата е неверојатна и мило ми е што секој викенд учествувам во неа. За Аргентина секогаш играв со полно срце и дадав сè од себе“, истакна Игуаин.

Аргентинецот по пристигнувањето во Лондон настапи на 10 меча во сите натпреварувања за „сините“ и постигна три погодоци. Викендов Премиер лигата се враќа на сцената, а Челзи гостува кај Кардиф (недела, 15:05 часот) во рамки од 32-рото коло.

- Оглас -

Најнови вести