Томас Тухел на крајот од сезоната ќе го напушти Баерн Минхен, а поголем дел од ѕвездите на тимот сакаат порано да му го видат грбот.
Дел од „сенаторите“ на Баерн, како Џошуа Кимих, Томас Милер, но и младите ѕвезди како Серж Гнабри, Џамал Мусијала, не го поднесуваат тренерот, а најпознатиот фудбалски новинар, Фабрицио Романо, открива дека и зимското засилување од Ла Лига, Брајан Сарагоса, исто така не е во добри односи со Тухел.
Сарагоса во Баерн требаше да пристигне налето, но на инсистирање на Тухел, тој го засили Баерн уште во зимскиот преоден рок, но работите тргнаа на лошо.
„Постои големо несогласување меѓу Тухел и Сарагоса. Едноставно, Тухел се надеваше дека ќе добие нешто друго. Брајан Сарагоса не зборува ниту германски ниту англиски, и Тухел сакаше да добие играч кој ќе биде подготвен веднаш да се приспособи на системот на игра. Од друга страна, управата на Баерн верува во Сарагоса и смета дека Шпанецот има блескава иднина. Тухел за два месеца ќе си замине од Баерн и тогаш треба да започне нов живот за Брајан Сарагоса“, открива Романо.
Сарагоса откако пристигна на „Алијанц арената“, настапи само на два меча и одигра вкупно 35 минути.