Имобиле и Левандовски се гаранција за голови

Легендата на германскиот фудбал, голгетерот со полско потекло Мирослав Клозе кој сега е помошник-тренер во Баерн Минхен, а во дел од кариерата настапуваше и за Лацио, смета дека Роберт Левандовски е подобар играч и напаѓач од Чиро Имобиле, но предупреди дека не смее да го потценат римскиот тим.

„Среќен сум што го гледам Лацио во ЛШ, но жал ми е што играчите мора да играат на теренот без публика на трибините. Не можам да си замислам ништо подобро од меч Лацио – Баерн пред полн стадион. Лацио има добри играчи, опасни се, но ако Баерн има правилен пристап, ќе се види разликата. За Левандовски знаев дека е силен, но сега кога го тренирам секој ден, може да кажам дека има само неколку слабости. Убиствен е со двете нозе, брз е, игра добро со глава. Имобиле исто така е многу добар, креира шанси, има добар шут, но му давам предност на Левандовски“, вели Клозе.

Во минатата сезона Имобиле беше прв стрелец во Европа и ја освои Златната копачка и уште ја нема примено наградата, а Левандовски беше прогласен за најдобар фудбалер на светот.

Имобиле изјави дека верува дека Франческо Ачерби има квалитет да го запре Левандовски.

„Криво ми е што нема публика, знам колку многу навивачите сакаат да бидат на стадион и да ни помогнат. Имам голема почит кон Левандовски, кој е голем шампион, но Ачерби е еден од најдобрите дефанзивци, тој веќе го запре Левандовски кога играа Италија и Полска во Лигата на нациите“, изјави Имобиле.

Кај Баерн ќе ги нема Томас Милер, Бенжамен Павар, Серж Гнабри, Даглас Коста и Корентен Толисо, но европскиот првак и без нив има моќен состав кој може да му се спротивстави на секој противник.

- Оглас -

Најнови вести