Ин Мемориам: Почина Иван Лесевски

Еден од најистакнатите спортски работници во скијањето, Иван Лесевски ненадејно почина, соопштија од Скијачката федерација на Македонија на својата официјална фејсбук страница. Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение.
„Со неизмерна тага и болка ви соопштуваме дека денес на 69-годишна возраст ненадејно почина нашиот колега, пријател и тренер Иван Лесевски.
Тој е роден на 11 јануари 1954 година. Дипломирал на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. Со повеќе од 40 години активно работење, својот живот го посвети на спортот и ги оствари најдобрите резултати во историјата на македонското скијање.
Во својата долгогодишна кариера, Лесевски беше тренер на јуниорската репрезентација на Југославија, тренер во ски клубот „Работнички“ и тренер на македонската скијачка репрезентација, како и член на раководните структури на Скијачка федерација на Македонија и Сојуз на спортови на Скопје, како и организатор на голем број на спортски настани.
За својата работа, делување и успешност, добитник е на многубројни награди: Тренер на годината на град Скопје 2014 година, после остварените успеси на Зимски олимписки игри 2014 во Сочи, 2 пати се закитил со наградата „13 Ноември“ за најдобар тренер, а во 2019 година се стекнува со Награда за животно дело.
Лесевски до последен ден активно работеше и придонесуваше за развојот на скијачките спортови во Македонија.
Скијачка федерација на Македонија изразува сочувство до неговото семејство и искрено жалење за оваа огромна загуба.
Последниот поздрав со Иван Лесевски е во сабота (09.09.2023 година) во капелата во Ѓорче Петров од 13 часот, а погребот ќе се изврши на гробиштата во Ѓорче Петров во 14 часот.
- Оглас -

Најнови вести