Инсиње ќе игра, Елмас на клупа, Барселона го става во погон трио фантастико

Лоренцо Инсиње е најавен во стартниот состав на Наполи за реванш-мечот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Барселона на „Камп Ноу“ и одличниот напаѓач ќе мора да стисне заби во обидот да се направи подвиг и да се елиминира фаворитот.

Елиф Елмас е најавен како резерва, слично како и на првиот меч во Неапол што заврши нерешено 1:1. Тогаш македонскиот репрезентативец не влезе во игра, а и вечерва од 21 часот на култниот стадион на Барселона ќе почне од клупата за резерви, барем според најавите на италијанските медиуми.

Инсиње се повреди во финишот на последниот меч од Серија А против Лацио и Џенаро Гатузо стравуваше дека нема да може да смета на италијанскиот репрезентативец.

Сепак во битка за пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите мора да се игра со сите расположливи адути, а Инсиње добил дозвола од медицинскиот тим на Наполи за настап на „Камп Ноу“.

Со него во нападот ќе играат Мертенс и Калјехон, што најавува офанзивен фудбал во реваншот. Особено и поради фактот што кај Барселона се најавува најсилното напаѓачко трио во стартната постава, што значи дека Меси, Суарес и Гризман ќе бидат задолжени за голови.

Бускетс и Видал не можат да играат за домаќинот поради картони, а Умтити и Дембеле се оддамна повредени, па во формација 3-4-3, Кике Сетиен ќе се обиде да го надмудри Гатузо и неговата фудбалска филозофија, вечерва најверојатно во системот 4-3-3.

Еве ги најавените стартни состави на двете екипи:

Барселона (3-4-3) Тер Штеген – Семедо, Пике, Ленгле – Алба, Роберто, Де Јонг, Ракитиќ – Меси, Гризман, Суарес.

Наполи (4-3-3) Оспина – Ди Лоренцо, Манолас, Кулибали, Руи – Руиз, Деме, Зјелински – Калјехон, Инсиње, Мертенс. 

 

- Оглас -

Најнови вести