8.3 C
Skopje
среда, 7 јануари 2026

Интер ја победи Болоња и се врати на врвот во Серија А (Видео)

Фудбалерите на Интер ја продолжија доминацијата во Серија А со победа од 3-1 против Болоња на „Џузепе Меаца“ во 18. коло. Тимот на Кристијан Киву се реваншираше за поразот во Суперкупот и се врати на првата позиција на табелата со 39 бодови.

Од првиот судиски свиреж, на теренот владееше само еден тим. Нападите на Турам, Мартинес, Чалханоглу и Бастони создаваа континуирана опасност по голот на Болоња, додека гостите во првите моменти единствено се заканија преку Одгард, но тоа беше краткотраен момент на светлина.

Првото водство за Интер дојде во 39-та минута. Пјотр Зјелински ја круниса одличната акција на Турам и Лаутаро Мартинес и погоди за 1-0, отворајќи го патот кон новата победа.

Две минути по почетокот на второто полувреме, Лаутаро Мартинес со глава зголеми на 2-0 по корнер од Чалханоглу, оставајќи го голманот Раваља без шанса. Аргентинецот можеше да ја заокружи вечерта со уште еден гол, но прво ја погоди пречката, а потоа неговиот шут беше одбранет.

Сепак, во 74-тата минута, после одличен центаршут на Димарко од корнер, Маркус Турам со прецизен удар со рамо ги отстрани сите дилеми и ја потврди победата на Интер.


Болоња успеа да постигне само почесен погодок преку Сантјаго Кастро во 83-тата минута, но тоа не беше доволно да ја загрози доминацијата на домаќинот.

Со оваа победа, Интер се врати на врвот на табелата со 39 бодови, додека Болоња останува на седмата позиција со 26 поени.

- Оглас -

Најнови вести