Интер се храбри со спомените од 90-тите години на минатиот век

Интер имаше многу успеси во тогашниот УЕФА куп во 90-тите години од минатиот век и трипати беше победник на натпреварувањето што од 2008 година е преименувано во Лига на Европа.

Избраниците на Антонио Конте и вечерва ќе тргнат со спомените од златната ера од последната деценија на минатиот век, кога четири пати играа во финалето и трипати го освојуваа пехарот.

„Минатото не се заборава, но сега мораме да мислиме на иднината. Шахтар е опасен противник и екипа што има одличен рејтинг во Европа. Верувам во нашиот концепт и во квалитетот на играчите и, секако, се надевам на финале“, вели Конте.

Интер победуваше во УЕФА купот во 1991, 1994 и во 1998 година, а загуби само од Шалке 04 во 1997 година. И тоа е единственото од вкупно пет финалиња што ги играа заедно Интер и Шахтар што еден од двата тима го загубил.

Украинците испишаа историја со триумфот во ова натпреварување во 2009 година, и тоа во последното издание како УЕФА куп, пред да биде преименувано во Лига на Европа на УЕФА.

„Подготвени сме за ново финале во Лигата на Европа. Со нетрпение го чекаме почетокот на мечот. Интер е екипа со големо реноме и богата историја, а ние сакаме да се доближиме до европскиот крем. Играме добро и очекувам неизвесна битка, а посакувам второ финале за нас“, изјави Луис Кастро, тренерот на Шахтар.

Шахтар е првата и засега единствена екипа од Украина што има пехар во ова натпреварување, а им требаа продолженија од двапати по 15 минути за да го победат Вердер со 2:1 на „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул.

Кој и да победи вечерва од 21 часот, ќе му излезе на мегдан на рекордерот Севилја, екипа која е на врвот на вечната листа со победници со пет пехари во пет одиграни финалиња.

Можни состави:

ИНТЕР – Хандановиќ – Годин, Де Фрај, Бастони, Д`Амброзио – Барела, Брозовиќ, Галјардини, Јанг – Мартинес, Лукаку.

ШАХТАР – Пјатов – Додо, Кривцов, Бондар, Матвиенко – Маркос Антонио, Степаненко, Марлос, Алан Патрик – Тајсон, Мораеш.

 

- Оглас -

Најнови вести