Интер на домашен терен загуби од Фиорентина со 0:1 и тоа за Нераѕурите беше четврти пораз во последните пет кола, па падна на четвртото место на табелата во Серија А. И покрај овие лоши резултати, Интер е во солидна ситуација, во последните два месеца од оваа сезона може да добие 100 милиони евра на своето конто доколку резултатите бидат како што посакуваат, пресметува „Газета дело спорт“.
Нераѕурите уште се активни во Лигата на шампионите, каде што се подготвуваат за четвртфинална пресметка со Бенфика. Во Купот на Италија ќе играат во полуфиналето против Јувентус, а во првенството уште се со реални шанси да стигнат до второто место на табелата. За Интер ова е петта сезона по ред во ЛШ, но прва како се пласираа во четвртфиналето.
Без да се пресметуваат парите заработени од продадени билети, сувенири и други приходи, Интер досега инкасираше 75 милиони евра од настапите во Лигата на шампионите, но таа сума може да биде и поголема доколку успее да ја елиминира Бенфика и да се пласира во полуфиналето. Ако Интер успее да го повтори успехот од 2010 година, односно да триуфмира во ЛШ, сумата ќе биде многу поголема.
Што се однесува до Купот на Италија, ако Интер успее да го елиминира Јувентус, а потоа во финалето да го освои пехарот, ќе заработи дополнителни 4,5 милиони ерва.
Разликата во наградниот фонд во Серија А меѓу второто место на кое Интер се наоѓаше неодамна и четвртата позиција на која сега е изнесува речиси 10 милиони евра. Рома, која е петта, има ист број бодови со Интер, па постои опасност Интер дури и да не игра во ЛШ за следната сезона.
Сепак, ако Интер до крајот на сезоната успее да се врати на второто место во Серија А, а воедно успее да го освои Купот на Италија и да триумфира во Лигата на шамионите, на нивното конто ќе се влеат дополнителни 100 милиони евра. Најлошото сценарио е тимот да биде исфрлен од Купот и ЛШ и да не успее да биде во Топ 4 на табелата во Серија А.
Остануваат уште два месеца од сезоната во која Интер ќе знае какво ќе им биде финансиското конто за оваа сезона.

